|
Како мерките за безбедност и здравје при работа ги подобруваат условите за работа во текстилната индустрија и ја зголемуваат продуктивноста
Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) веќе четири години го имплементира проектот “Воведување и зајакнување на ЕУ стандардите за заштита при работа во текстилната индустрија ”, кој има за цел да ги приближи европските стандарди за заштита при работа во текстилните фабрики во Македонија. Проектот се спроведува во соработка со Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика а е поддржан од Норвешкото министерство за надворешни работи.
Самиот проект има две главни компоненти: - Институционален и организациски развој на претставниците од работниците за заштита при работа и - Грант компонента за разрешување на приоритетни проблеми од областа на заштита при работа.
Преку првата компонента, МЗЗПР низ серија од три обуки, на тимовите по заштита при работа им овозможи механизми и алатки како да ја зајакнат функцијата на претставниците од работниците за заштита при работа, специјална обука за претставници од работниците за заштита при работа, како успешно да ги препознаат ризиците по безбедноста и здравјето на работниците, кои се приоритетни проблеми кои треба да се надминат и како успешно да се комуницираат истите со раководството на компаниите. За грант компонентата, фабриките аплицираат до МЗЗПР со предлог проекти за разрешување на приоритетни проблеми од областа на заштитата при работа, со максимално побаран износ од 27,000 евра и минимално сопствено учество од 30% од вредноста на проектот.
Дел од реализираните активности и постигнати резултати се:
- Во фаза I на проектот опфатени се 10 текстилни фабрики, од источниот регион и тоа од градовите Кочани (Делтатекс, Амортекс, Данитекс), Штип (Беас-С, Максима), Виница (Апитекс), Делчево (Крзно-О), Македонска Каменица (Текстил-М), Пробиштип (Примавера) и Злетово (Зрно-О).
- Во фаза II на проектот опфатени се 9 текстилни фабрики, од централниот регион и тоа од Скопје (Окитекс, Актуел, Нипромтекс, Игматекс и Етерна), од Велес (Сомивелтекс), Кратово (Мадерпотекс), Тетово (Тетекс), Гостивар (Декон).
- Во фаза IIIа на проектот опфатени се 4 фабрики од западниот регион и тоа од Прилеп (Мартекс), од Ресен (Хатекс, Стењетекс), од Кавадарци (Стевик).
- Во фаза IIIб на проектот опфатени се 3 фабрики од западниот регион и тоа од Прилеп (Кули, Конфиангел), од Битола-с.Цапари (Фалко).
Постигнати резултати: Опфатени 27 текстилни фабрики, 80 едуцирани претставници за заштита при работа, формирани и едуцирани 29 тима за заштита при работа, спроведена посебна обука за заштита при работа на 29 претставници на работниците за заштита при работа, пренесени позитивни ставови и искуства преку тимовите на приближно 5000 вработени во 27 текстилни фабрики, подобрување на условите за работа преку поставување на системи за климатизација и вентилација во вкупно 23 фабрики, замена на азбесна кровна конструкција во две фабрики,поставување на соодветно осветлување во две фабрики, поставување на систем за дојава на пожар во една фабрика, опремување со опрема за гаснење на пожар во една фабрика, обезбедување на лични заштитни средства.
За да се обезбеди континуитет во подобрување на мерките за заштита при работа, фабриките подготвуваат тригодишни програми, во кои се опфаќаат останатите проблеми од оваа област а кои компаниите со техничка помош од МЗЗПР, сами ги спроведуваат.
Во текот на реализација на проектот, МЗЗПР постојано ги следи ефектите од применетите мерки врз намалувањето на повредите и несреќите при работа како и економските придобивки од подобрените услови за работа. Првичните резултати од овие анализи покажуваат:
- 12 % зголемено вработувањето во фабриките,
- намалена температурата во фабриките во летниот период од 35 степени на 28 степени во просек,
- отсуствата од работа намалени до 65% во летниот период,
- зголемување на продуктивноста од 20% до 30%.
МЗЗПР ќе продолжи да ги следи овие показатели, со кои се надеваме, ќе успееме да покажеме дека инвестирањето во подобрување на заштита при работа не е само законска и морална обврска на сопствениците и раководните лица во компаниите туку е можност да се зголеми продуктивноста а со тоа и профитот на самите компании.
|