|
Заштитата од пожари е значаен сегмент во работниот процес, преку нејзино соодветно практикување и почитувањето на законските норми и регулативи секој работодавач во голема мера го намалува ризикот за вработените како и ризикот за неговиот имот.
Имајки го во предвид овој факт секој работодавач законски е приморан да применува утврдени мерки и правила за Заштитата од пожари. Дел од тие мерки се предвидени и во Законот за безбедност и здравје при работа (Службен весник на РМ, бр 92/07) . Во прилог ќе напоменеме дел од нив:
- Работодавачот е должен во секој објект земајќи го предвид технолошкиот процес, материјалите кои се користат при работа, начинот на работа, складирање на материјалите, како и големината на објектот да превземе мерки да не настане пожар, а доколку настане да се намали на најмала можна мерка опасноста по безбедноста и здравјето на вработените и другите присутни лица.
- Во зависност од природата на процесот на работа работодавачот е должен да организира и да обезбеди евакуација, спасување и прва помош во случај на извесна ситуација која може да ја загрози нивната безбедност и здравје (елементарна непогода, пожари, експлозии, испуштање на опасни материи над дозволената граница и сл.) и да ги оспособи лицата кои ќе ја спроведуваат евакуацијата и спасувањето.
- На лицата кои се одредени да ја спроведат евакуацијата и спасувањето, гасењето на пожар и прва помош, работодавачот мора да им ја стави на располагање потребната опрема.
- Работодавачот е должен да утврди план за евакуација и спасување во случај на вонредна ситуација и со него да ги запознае сите вработени и врз основа на тој план мора да се спроведат практични вежби најмалку еднаш на две години.
- На секое работно место и во работни простории во кои истовремено работат до 20 вработени најмалку по еден од нив мора да биде оспособен и одреден за давање на прва помош, за гасење пожар, евакуација и спасување, а над овој број на секои дваесет вработени најмалку уште по еден.
- Работодавачот треба да склучи договори со други правни субјекти специјализирани за давање услуги, особено во однос на давање на прва помош, итна медицинска помош, активности за евакуација и спасување и противпожарна заштита.
Покрај одредбите кои ги предвидува Законот за безбедност и здравје при работа во него се содржани и санкциите кои се предвидени за непочитување на истиот, па така: Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице ако:
- не склучи потребни договори со надворешни служби за одделни услуги од областа на безбедноста и здравјето при работа (член 24 став (8)),
Исто така глоба во износ од 2.000 евра во денарска против вредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, ако:
- не утврди план за евакуација и спасување за вонредни ситуации (член 24 став (4)).
Коментар на досегашното практикување на овие одредби
Оваа област е регулирана и со други закони, Законот за заштита и спасување и Законот за пожарникарство како и подзаконски акти кои ги дообјаснуваат одие закони. Во овој дел доаѓа до преклопување на надлежноста на контролата на примена на овие одредби меѓу инспекцијата за труд и инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување. Посебно е проблематичен планот за заштита и спасување и обучувањето на вработените за заштита од пожари, евакуација и спасување.
Обуките неретко ги вршат претпријатија кои имаат овластување за сервисирање на ПП апарати или системи кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување. Дирекцијата нема законска основа да издаде лиценци за обука на вработени. Условите кои се потребни за добивање на овластување за сервисирање на ПП апарати во делот на стручниот кадар се далеку од реалноста дека овие претпријатија можат да вршат обука за заштита од пожари, евакуација и спасување. Обуката кои тие ја нудат е само обука за ракување со ПП апарати што пак е далеку од целта која треба да се постигне со примена на овој член од Законот за безбедност и здравје при работа, односно превземање на превентивни мерки за да не настане пожар.
Другиот проблем кој се јавува е назначување на лицата од страна на работодавците. Многу често едно лице е задолжено да гасне пожар, а во исто време и да врши евакуација или пак да дава прва помош доколку има повредени. Кај претпријатија со поголеми опасност и со повеќе вработени треба да се назначат лица кои ќе имаат различни задолженија и обуки.
Кај претпријатијата кои работат во повеќе смени или во различни објекти на поголеми растојанија потребно е да се назначат лица за секоја смена или за секој објект применувајки го правилото на 20 лица да има по еден обучен.
|